Интервју со Бобан Васиќ: Коктел културата во Македонија допрва почнува да се развива

Непосредно по завршувањето на Vigor Barmen Cup 2016 поразговаравме на кратко со Бобан Васиќ, победникот во категоријата „флер. Ни раскажа како се подготвува за настап, од каде црпи инспирација, а ни откри и слатки детали за идните планови.

Vigor Barmen Cup 2016

Неколку години по ред учествуваш во Vigor Barmen Cup во категоријата flair и секој настап е уникатен и креативно смислен. Што те инспирира за „кореографијата“ за секој настап?

Откако стекнав искуство од неколку натпревари, сфатив што всушност треба да поседува еден Flair barman за да можеда се натпреварува и да ги примени техниките на flair на своето работно место, поточно, почнав појасно да ги согледувам работите.

За почеток се стремев да ги исполнам сите категории на оценување, кои се многу комплексни и каде секоја од нив има поднивоа. Ќе се обидам да наведам неколку од нив за да биде појасно: техника, глаткост, оригиналност, креативност, тежина, варијација на движења, сценски настап, интеракција со публика, синхронизација со музика, коктел (изглед, мирис, вкус), негативни бодови итн… Следниот чекор што го направив се финесите, всушност внесов комичност и уникатен стил во мојот настап. Со овие два чекори што ги наведов сфатив дека можам да црпам инспирација од каде било и од што било, и најважно од сè е дека не постојат граници.

За време на секој настап, што најчесто ти се врти низ глава? Што може да те смири, а што да те вознемири додека ги вртиш шишињата и чашите при подготовка на коктелот?

Смиреност за време на настапот е една од клучните работи, а тоа се должи на претходно континуиран тренинг, добра кондиција, посветеност и добра припрема пред да се излезе на бината. За да може да се воспостави конторла за време на настапот, исто така потребна е голема будност и фокус.

Пред да излезам на сцена се обидувам да го увидам проблемот што би ме вознемирил и се консултирам со организаторот за да може истиот да се отстрани, а тоа се претежно технички проблеми со музиката, освелувањето, просторот за изведба, блиц од камерите и слично.

Vigor Barmen Cup 2015

Имаш ли идол од кого учиш нови мајстории? Колку време посветуваш на вежбање и усовршување?

Да, секако дека на самиот почеток имав идол, тоа е Sebastian Oguic (Франција). Сакав да бидам како него, но многу брзо откако се запознав со flair bartending сфатив дека треба да бидам автентичен и да изградам свој стил. На самиот почеток работев паралелно во угостителски локали, и надвор од работоното место тренирав 6 дена во неделата по 5 часа дневно. Поминати се 6 години откако почнав да се занимавам со flair, но за жал имав низа помали повреди и една посериозна повреда: за време на тренинг ја исеков тетивата на прстот и морав да направам голема пауза за да можам да закрепнам и да продолжам. Се надевам дека во иднина нема да имам такви проблеми и дека ќе можам целосно да се посветам на тоа што најмногу го сакам.

Освен во Македонија, каде сè имаш настапувано? Има ли некој настап кој можеш да го издвоиш како најдраг?

Да, имам неколку натпревари што ми се драги и кои допринеле за мојот напредок. Би ги издвоил Zante flair open во Закинтос, Грција и Светското првенство за бармени во Cape Town, Јужна Африка каде се пласирав на 17-то место од 60 земји. Имам настапувано и во Србија, Црна Гора, Бугарија и Малта.

Според тебе, дали може да очекуваме коктел културата во Македонија да се развие на ниво како во светските метрополи? И како може да се крене коктел културата кај нас на многу повисоко ниво од сегашното?

Коктел културата во Македонија допрва почнува да се развива, но мислам дека ќе треба да помине многу време за да достигне европско или светско ниво. Како да се подигне коктел културата во Македонија?! Тоа е тема која треба да се согледа од повеќе аспекти и да се елаборира на многу прашања, меѓутоа се наметнува еден многу важен фактор, а тоа е стандардот на населението.

Vigor Barmen Cup 2014

Што е следно за Бобан? Дали во блиска иднина има нови натпревари?

Поминав повеќе од една година работејќи на Малта, каде одлично се снајдов и каде навлегов во менаџерските води. Ја очекувам работната виза која треба да ми излезе многу набрзо за да продолжам со работата и подготвувањето за натпревари на тој убав остров каде многу ми се допаѓа начинот на живеење. Следен натпревар што сакам да го посетам е во Латвија, Рига, во рамките на W.F.A Grand Slam (World Flair Association), a верувам дека тоа ќе ми помогне да се издигнам на повисоко ниво!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

*