Интервју со Васил Пеевски: Доколку не бараме нови вкусови кои ќе направат револуција во нашата дејност, не сме постигнале ништо

Васил Пеевски го освои првото место во категоријата „класика“ на Vigor Barmen Cup 2016. Имавме чест два пати да уживаме во неговиот коктел – еднаш во полуфиналето, и еднаш во финалето. 🙂

Vigor Barmen Cup 2016

Неговиот коктел „Харибо“освои најмногу поени од стручното жири. Со уникатна и внимателно подготвена декорација, „Харибо“ ги собра сите атрибути на комплетен и победнички коктел.

Во продолжение ви го пренесуваме интервјуто кое успеавме да го направиме со Васил по средувањето на импресиите од Vigor Barmen Cup 2016. 🙂

Колку време се занимаваш со барменство?

Со барменство се занимавам 3 години.

На годинешниот Vigor Barmen Cup победи со коктелот „Харибо“. Од каде инспирацијата за овој коктел? Дали си голем љубител на Харибо бонбони или нешто друго е во прашање? 🙂

Иако сум голем љубител на Харибо бонбоните главната инспирација за мојот коктел не дојде од таму. Коктелот го креирав на брзина, а она што ме натера да го креирам таквиот Харибо вкус,беше летото кое за жал си замина. Откако го креирав коктелот,вкусот навистина наликуваше на Харибо бонбона,па така го доби името Харибо.

Vigor Barmen Cup 2016

Освен во Македонија, каде сè имаш натпреварувано?

Сега за сега сите натпревари на кои сум бил се одржувале во Македонија, но на 20ти ноември ме очекува светскиот куп на Marie Brizard во Бродо, Франција, па така тоа ќе биде моето прво искуство на натпревар надвор од нашата земја.

Кое е твоето мислење за коктел културата во Македонија? Што треба и може да се направи за да се развие на уште повисоко ниво?

За жал, не можам да го пофалам нивото на коктел културата во Македонија. Сè уште се атрактивни коктелите во разни нијанси, коктели кои горат итн. Но тој тренд одамна е поминат. За да се развие коктел културата на повисоко ниво, според мене, треба да се пратат новите трендови. Со тоа што ќе се користат квалитетни, свежи и несекојдневни состојки, ќе се даде само нова димензија на заборавените класични коктели.

vigor-barmen-cup-2016-448

Дали експериментираш со состојки за коктели и дали сакаш да смислуваш нови коктели?

Секако дека експериментирам со нови вкусови, тоа е составен дел од нашата професија. Доколку не бараме нови вкусови кои ќе направат револуција во нашата дејност, не сме постигнале ништо.

Колку време се подготвуваш за еден натпревар?

Секој натпревар бара добра припрема. Доколку не се посвети доволно време на припремата успехот не може да се очекува. Лично јас за еден натпревар се подготвувам од пет до шест месеци однапред.

Твојот коктел имаше и уникатна декорација. Колку декорациите на коктелите се битни на натпреварите?

Со оглед на тоа дека на натпреварите се оценува и изгледот на коктелот, декорацијата е и тоа како важна. Коктелот е комплетен производ, па така гостите мора да ги примамиме најпрво со изгледот, а потоа со аромата и вкусот на коктелот.

Vigor Barmen Cup 2016

Колку често ти се случува на домашни забави да ја преземеш улогата на бармен? 🙂

На домашните забави избегнувам да ја превземам улогата на бармен. J Во тие моменти сакам и јас да се опуштам и да уживам во атмосферата.

Имаш ли омилен коктел кој го подготвуваш со особено задоволство, или пак коктел во кој ти посебно уживаш?

Обожувам коктели со рум, па така најмногу уживам во добро направено Daiquiri.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

*